Се продлабочува аферата „ЛуксЛикс“: Жан-Клод Јункер политички ослабен
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер се чувствува „погоден“ и „ослабен“ по најновите откритија на новинарскиот конзорциум за вмешаноста на Луксембург во даночните олеснувања за светските компании. Во Европскиот парламент се очекуваат конкретни предлози од Комисијата, во спротивно таа може да ја изгуби довербата...

Европската комисија на Жан-Клод Јункер вчера положи свечена заклетва пред Европскиот суд на правдата во Луксембург, само еден ден откако во јавноста беше претставен вториот дел од новинарската истражувачка работа за даночните олеснувања кои Луксембург им ги даваше на светските компании.
Жан-Клод Јункер во интервјуто за париски „Либерасион“ признава дека е „погоден“ и „ослабен“ од најновите откритија.
„Субјективно кажано, јас немам ништо да си забележам себе си, повеќе од другите. Исто така забележав дека европските влади не рекоа ништо по овие статии. Но, објективно гледано, јас сум ослабнат, бидејќи „ЛуксЛикс“ сугерира дека имам учествувано во маневрите кои не ги исполнуваат основните правила на етиката и моралот“, вели Жан-Клод Јункер.
Од откриеното се дознава дека компанијата „Дизни“ извршила повеќе трансакции меѓу нејизните филијали, купувајќи една за да продаде друг,а за да избегне загуби или да плаќа данок.
Повеќе фирми за совети и ревизија, според новите откритија, исто така склучиле договори со луксембуршката влада на времето водена од Јункер, меѓу кои „Ернст и Јунг“, „Делуат“ и „КПМГ“.
Во Европскиот парламент каде Комисијата Јункер пред дваесетина дена ја доби повторно довербата, групата на Зелените безуспешно бара создавање на истражна комисија за „ЛуксЛикс“, која би дозволила поголема транспарентност.
Групата на Социјалистите и демократите на вчерашната прес конференција беше директна - тие не му дале на Јункер „бланко чек“.
„Европската комисија треба прашањето за даночното затајување и избегнување да го направи да биде апсолутен приоритет во нејзината годишна програма за работа, со конкретни предлози. Ако не го направи тоа, тука ќе заврши концензусуот и довербата на нашата политичка група кон Комисијата“, вели Џани Питела-претседател на Европската комисија.
Идната недела во Стразбур, Европската комисија треба да ја претстави својата програма за работа за 2015 година, од што ќе зависи и поддршката од европратениците.
Тони Гламчевски
