По роуд – шоуто се чекаат нови инвестиции!
Многу компании од најмоќната европска економија ги слушнаа поволностите за инвестирање во Македонија. Повеќе германски фирми ја скенираат бизнис – климата во нашата земја, по што треба да падне и одлуката за изградба на нови фабрики. Дел од нив се многу блиску до влез во земјава...

Германски компании доаѓаат во посета на Македонија. На терен ќе ги проверуваат условите за правење бизнис во нашата земја, по што треба да ја донесат и финалната одлука дали ќе градат свои капацитети и ќе им се придружат на веќе постојните компании: Дрекселмајер, Кромберг и Шуберт, Марквард, ОДВ Електрик.
„Се надевам дека до крајот на годинава ќе ги завршиме преговорите со една германска компанија која најави дека ќе инвестира, но се уште ја нема објавено конечната одлука. Повеќе други германски компании покажаа интерес да инвестираат во нашата земја и очекуваме да ја посетат Македонија и, чекор по чекор, ќе работиме да ги донесат одлуките, да изградат капацитети и да отворат нови работни места“, изјави премиерот Никола Груевски.
Бизнис – форумот во Келн на едно место собра компании од автомобилскиот сектор, информатиката, енергетиката. Се запознаа со поволностите во слободните зони, ниските даноци, квалитетната работна сила.
„Мислам дека има добри услови за инвестирање, особено за новите компании од Западот кои сакаат да инвестираат во Југоисточна Европа. Јас уште од првичниот контакт имам позитивно чувство за луѓето што сакаат да донесат инвеститори во својата земја и да им обезбедат на фирмите стабилност во производството. Мислам дека во иднина можеме да имаме добра соработка“, вели бизнисменот Торстен Валтер.
„Ние сме меѓународни инвеститори и советници, но не гледаме често владини претставници кои се отворени и лесно достапни, пријателски настроени кон бизнисот. Ги добивме сите потребни информации“, изјави Кристијан Конрад, бизнисмен.
Германските компании кои веќе работат во Македонија на потенцијалните инвеститори им порачале дека во нашата земја има квалитетна работна сила.
„Сметаме дека сме многу добро позиционирани да привлечеме нови инвеститори кои уште повеќе ќе го подобрат трговскиот биланс меѓу Македонија и Германија“, нагласи Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.
По бизнис – презентациите во Франкфурт и во Келн, се очекуваат нови инвеститори од економски најмоќната европска држава.
Во моментов, германските фирми во земјава вработуваат над 13 илјади луѓе.
Мартин Пушевски
