Традиционална средба на министерот Јолевски и генералот Котески со одбранбените аташеи во Република Македонија

11.12.2014 15:45

Министерот Јолевски посочи дека соработката на Македонија со земјите-партнери во областа на одбраната е на одлично ниво и дека постои подготвеност за нејзино уште поголемо зацврстување и унапредување...

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески денеска во Домот на АРМ остварија средба со одбранбените аташеи акредитирани во Република Македонија, која се одржува на крајот на годината, соопштуваат од Министерството за одбрана

Министерот Јолевски посочи дека соработката на Македонија со земјите-партнери во областа на одбраната е на одлично ниво и дека постои подготвеност за нејзино уште поголемо зацврстување и унапредување.

„Главна цел и наш највисок приоритет е да продолжиме да работиме на реформите и да продолжиме да бидеме целосно подготвени за влез во НАТО“, истакна министерот Јолевски пред присутните. Светскиот мир, стабилност и слобода се особено важни за нас, додаде министерот, и затоа ние продолжуваме со нашиот придонес во рамки на меѓународните мировни мисии, меѓу кои и мисијата Одлучна поддршка која ќе ја замени мисијата ИСАФ во Авганистан во 2015 година.

Во рамки на средбата презентирани беа активностите на организациските единици во Министерството за одбрана, како и степенот на реформи и трансформација на Армијата на Република Македонија.

На средбата на претставници на министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија која има традиционален карактер, учествуваа и заменик-министерот за одбрана, Арбен Лабеништа, сите одбранбени аташеи во Републука Македонија, раководителите на секторите во Министерството како и началниците на одделите во Генералштабот на Армијата на Република Македонија.