Попова Шапка се подготвува за престојната сезона
Зимските туристички центри се подготвуваат за престојната сезона. Такво е и на Попова Шапка. Хотелиерите ги подновуваат сместувачките капацитети и веќе ги добиваат првите резервации за дочекот на Новата Година...

По неколкуте врнежливи денови, блесна сонцето на првиот снег на Попова Шапка. Снегот што крцка под чекорите, свежиот воздух и прекрасното сино небо беа како создадени за планинска прошетка. Патеките се побелени, но покривката се уште не е доволна за скијање.
Зимската сезона треба да започне деновиве. Угостителите ги прават последните подготовки за пречек на гостите. Сместувачките капацитети се подновуваат. Најисполнети ќе бидат за Нова Година со домашни, но и странски туристи, најчесто од соседните земји.
„Хотелот на почетокот од новата зимска сезона е подготвен да ги прими првите гости. Имаме најави за гости од дома и странство. Доаѓаат поради зимската убавица Попова Шапка, но и поради хотелот кој е целосно обновен“, вели Никола Тренковски, угостител.
Во хотелите цената за ноќевање со појадок се движи од 20 до 75 евра. А можност за сместување се и викендичките во населбата.
На Попова Шапка се инвестира во модерни хотели, со базени и спа центри, но потребна е обнова на основната инфраструктура.
„Ние сме подготвени за оваа зимска сезона. Чекаме гости од Косово, Албанија, Турција, Словенија, Хрватска... Сега има и снег, а очекуваме нови врнежи. Има доста заинтересирани скијачи“, рече Беким Скендери, угостител.
Додека сме на падините на Шара, едно селфи пред заминување, за да се пофалиме дека барем еден ден сме поминале на убаво време и чист воздух. Надолу кон Тетово низ маглата не продира ниту погледот.
Зоран Јованоски
