Историчарите се едногласни: Новиот изглед на државниот грб ги содржи сите хералдички елементи
Македонија е меѓу последните со државен грб што хералдички не е издржан- аргумент на дебата за предлогот за нов грб. Експертите немаат дилема дека сегашниот симбол треба да се смени. Спореа за финеси во изгледот на црвениот лав на жолта позадина...

Црвениот лав на жолта основа е македонски грб што се појавил уште во 16-тиот век. Постои во грбовниците, го користеле востаниците како амблем на знаме, велат историчарите. Според нив Македонија остана меѓу последните со државен грб што хералдички не е издржан. Дел од експертите сметаат дека во текот на јавната дебата треба да се издефинираат нијансите за изгледот на грбот.
„Да се видоизмени обликот на штитот,да биде малку подолг бидејќи некако лавот е голем во однос на овој штит,и не ми е јасна муралната круна бидејќи таа се става кај градовите. Веројатно се сакало да се избегне она што е со друга круна асоцијација на кралство, а тоа не сме“, смета Снежана Филипова, Институт за историја на уметноста.
„Не постои хералдичка пречка да има ваква круна, ако круната е инкорпорирана во еден хералдички систем врзан за јуриздикцијата на дадена земја“, вели Иван Ацевски, Здружение на хералдичари на Македонија.
Хералдиката има свои правила, како треба да изгледа грбот и кои елементи треба да ги содржи, вели историчарот Атанасовски. Смета дека не се основани обвинувањата на бугарската наука дека сме им го присвоиле грбот. Лавот не е авторско право на една држава.
„Во образложението самите не се повикуваат на историската традиција и континуитет на лавот кај нив.Боите се различни. Таму е златен лав на црвено поле и немаат единственост во симболиката. Во нивното образложение стои дека и тие не се сигурни од каде лавот во Бугарија“, изјави историчарот Александар Атанасовски.
Идејата за промена на постојниот грб на државата е од пред 6 месеци. Сегашниот предлог на здружението на хералдичари е единствен.
Историчарите се едногласни- новиот изглед на државниот грб ги содржи сите хералдички елементи, за сметка на сегашното решение, кое не го има тоа.
Милчо Велески
