Метеж на шалтерите- граѓаните поднесуваат барања за откуп на дворно место

11.12.2014 17:19

Граѓани ја доставуваат потребната документација. Службите до крајниот рок ќе работат прекувремено. Оние кои нема да ги приватизираат дворовите, ќе треба да и плаќаат закуп на државата...

Граѓаните ја користат последната шанса да си го купат дворното место. Ги доставуваат барањата за откуп на земјиштето по едно евро за квадрат. Шалтерите на подрачните одделенија на Министерството за финансии работат под полна пареа.

„Што бараа тоа поднесов и сметам дека е во ред сега... Не знаевме што и каде да поднесеме, па ни кажаа и затоа дојдовме... Не бев во можност да дојдам порано, па затоа денеска, но пак е на време“, велат граѓаните кои случајно ги анкетиравме.

Граѓаните имаат уште 4 дена да ги соберат потребните документи. Шалтерите за прием на барањата ќе бидат со продолжено работно време, а ќе работат и во недела.

„Интересот е голем. Имаме над илјада барања дневно. Апелирам граѓаните да ги искористат овие последни неколку дена да го откупат своето дворно место по цена од едно евро за метар квадратен. Управата за имотно правни работи е подготвена да ги прими барањата од граѓаните и ќе работи до 19 часот секој ден“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Досега неколку пати се пролонгираше рокот за откупот на дворните места. Оние кои нема да го приватизираат земјиштето до 15 декември ќе треба да и плаќаат закупнина на државата.

Барањата за откуп се поднесуваат во подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи во општините. Граѓаните на шалтер треба да се достават фотокопија од лична карта, доказ за корисничко право над земјиштето и имотен лист.

 

Сунчица Николовска