Бизнисмени од Анталија заинтересирани за соработка со македонски партнери

11.12.2014 16:20

Најавена е соработка во туризмот и хотелиерството, машинската, текстилната и прехранбената индустрија...

Последниве 10 години турските компании инвестирале 140 милиони евра во Македонија. На бизнис форумот во Скопје учествуваа триесет турски и дваесеттина домашни фирми. Најавена е соработка во туризмот и хотелиерството, машинската, текстилната и прехранбената индустрија. 

Како што истакна Ѓултекин Генчер, претседателот на Управниот одбор на Унијата на индустријалци и бизнисмени од Десемеалти, општина во Анталија, нивните компании се отворени за секаков вид соработка со партнери од Македонија, како и за заеднички настап на трети пазари, особено на Блискиот Исток, каде македонските компании можат да ги користат турските искуства и контакти.

Тој изрази надеж дека и бизнисмените од Анталија по примерот на останатите нивни колеги од Турција ќе дојдат и ќе инвестираат во Македонија.

Извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева посочи дека Турција е расположена за инвестиции во Македонија, а ваквите средби како денешната само го потврдуваат овој факт.

Република Турција е осмиот надворешно-трговски партнер на Република Македонија.