Реал Мадрид го напаѓа и светскиот врв!
11-от турнир, којшто втора година по ред со одржува во Мароко, стартуваше со пенал победата во плеј - офот на првакот на Океанија, Оукленд Сити против домаќинот Могреб Тетуан...

Некогаш беше пресметката на европскиот и на јужноамериканскиот шампион, позната како интерконтинентален куп, но десетте досегашни изданија се потврда дека идејата на ФИФА за Светско купско првенство успеа. 11-от турнир, којшто втора година по ред со одржува во Мароко, стартуваше со пенал победата во плеј - офот на првакот на Океанија, Оукленд Сити против домаќинот Могреб Тетуан. Откако дуелот во Рабат заврши без голови, Новозеланѓаните беа поуспешни од ударите од белата точка со 4:3.
Со овој триумф Оукленд се пласираше во четвртфиналето во коешто в сабота ќе игра со африканскиот шампион Ел Сеиф од Алжир. Истиот ден, ќе се соочат и најдобрата екипа од Конкакаф зоната, мексикански Круз Азул и Сиднеј Вондерерс. Поради доминацијата на својот континент, Австралијците веќе неколку сезони настапуваат во азиската Лига на шампионите којашто годинава ја освои токму Сиднеј.
Како и на претходните турнири европскиот и првакот на Јужна Америка директно се вклучуваат во полуфиналето. На 16 декември, Реал Мадрид во главниот град на Мароко, го очекува поуспешниот од дуелот Круз Азул - Сиднеј, додека ден подоцна во Маракеш, на аргентински Сан Лоренцо ќе му се спротивстави подобриот од мечот Оукленд - Ел Сеиф. Финалето ќе се одигра на 20 декември на Националниот стадион во Маракеш.
Во вечната дилема кој е подобар, а којашто веројатно никогаш нема да биде решена, во моментов Европа е поуспешна од Јужна Америка само за една победа. До позитивниот биланс 27:26, тимовите од стариот континент дојдоа благодарение на шесте трофеи во последните седум години. Само бразилски Коринтијанс триумфираше пред две сезони против Челзи, додека минатата Баерн Минхен ја совлада Казабланка којашто заедно со Мазембе во 2010-та се единствените две екипи од друг континент, во случајов од Африка, коишто играле во финалето. Тогаш Интер со Горан Пандев стана светски клупски првак како трет Македонец по Дарко Панчев и Илија Најдовски со Црвена Звезда во 1991-та година.
