Со „Адам и Ева“ прилепскиот театар ја заокружува успешната година

12.12.2014 11:30

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ја заокружува успешна година со третата премиера во 2014-та. Актерскиот ансамбл за прв пат ќе ја изведе претставата „Адам и Ева“ од Мирослав Крлежа и за прв пат во соработка со хрватска режисерка...

Со „Адам и Ева“ на Мирослав Крлежа, прилепскиот театар ја завршува годинашнава сезона. Од Хрватска пристигна режисерката Ања Максиќ Јапунџиќ која преку своето прво искуство ја поставува крлежината едночинка на која и дава драматуршка димензија. Судирот меѓу половите не само како исконски, филозовски аспект, туку и можноста тие да комуницираат. А тоа е вонвременско.

„Овој текст го има цинизмот на Крлежа дека до денес ништо не се променило во односот маж-жена. Но јас се надевам дека со овој драматуршки концепт оставаме простор дека можеме да избереме некој и да градиме комуникација и нешто посебно. Го има Крлежа, но и македонски елементи“, вели режисерката Ања Максиќ Јапунџиќ.

Актерите сесрдно го прифатија предизвикот во работата на Крлежа и првата соработка со хрватската режисерка.

„Не воведе во еден нов тип на приоѓање на работите, нови видувања, нови сфаќања. Некако поинаку почнавме да ги работиме и сцените и да го разработуваме текстот“, вели Александар Тодески, актер.

Со премиерата на „Адам и Ева“ прилепскиот ансамбл смета дека завршува успешна театарска година со две меѓународни гостувања

„Исто и на меѓународен план , исто така може да ја сметаме за успешна година. Имавме две меѓународни гостувања. Едното во Љубљана на Екс Понто каде имавме чест да го отвориме 21-то издание со „Швејк во втората светска војна“, а второто гостување беше на Фестивалот на глумците во Никшиќ каде нашата актерка Даниела Иваноска доби награда за споредна женска улога“, вели Стојан Дамчески, раководител на театарот.

Претставата „Адам и Ева“ е камерна и ќе добие две премиери едноподруго.

 

Елизабета Митреска