Пет преноси на МРТ!
Дуелите од ракометната СЕХА лига и од кошаркарската АБА конкуренција ќе бидат главни спортски содржини на Македонската телевизија во продолжениот викенд...

Регионалната ракометна програма ќе биде двојна. Вардар е во позиција да се врати на второто место бидејќи е апсолутен фаворит во натпреварот со Борац. Црвено – црните имаат шест победи по ред во меѓусебните мечеви со екипата од Бања Лука против којашто го загубија само првиот дуел пред три години. И сезонава вардарци без проблеми славеа на гостувањето во Босна и Херцеговина. Натпреварот ќе се одигра в сабота во Спортскиот центар Јане Сандански во 20 часот и 15 минути со пренос на МРТ собранискиот сервис.
Откако останаа без шанси за осминафинале во Лигата на шампионите, ракометарите на Металург и покрај кризата ќе треба да се фокусираат на СЕХА натпреварувањето. Екипата од Автокоманда во моментов е на шестата позиција со седум бода минус, но и со два натпревара помалку во однос на Татран Прешов којшто во единаесетото коло ќе му биде домаќин на второпласираниот Загреб.
Најнезгодно за металурзите е тоа што в недела ќе се соочаат со непоразениот лидер Веспрем во натпревар од 12-та СЕХА рунда. Унгарскиот првак сезонава има само еден пораз и тоа минатиот викенд во елитното натпреварување на гости кај Рајн Некар, а во првиот дел од лигата дома триумфираше убедливо против Металург со 11 голови разлика. Преносот од Арената Борис Трајковски ќе биде на „Собраниски“ во 19 часот.
Гостувањето во Македонија, Веспрем ќе го искористи да одигра и пријателски дуел в понеделник против суперлигашот Пролет којшто МРТ директно ќе го емитува на собранискиот сервис во 19 часот.
Проблемите на МЗТ Скопје никако да завршат. По повредата на Дамјан Стојановски поради којашто ќе го пропушти преостанатиот дел од сезоната, во следните два месеца поради опEрација на препоните нема да игра ниту Марко Симоновски. Аеродромци се дванаесети со 4 победи и 7 порази и в недела ќе и гостуваат на Цибона којашто е две места подобропласирана со триумф повеќе. Минатата сезона загрепчани двапати беа подобри, откако МЗТ Скопје на дебито пред две години се радуваше и во двата дуела со актуелниот АБА шампион. Неделниот пренос на собраниски ќе почне во 17 часот.
Во понеделник пак, Црвена Зевзда ќе се обиде да го израмни рекордот на Олимпија од 12 победи по ред на стартот на сезоната. Црвено - белите кои се на првата позиција со ефект 11:0, дома ќе играат со претпоследнопласираната Игокеа. Преносот од Белград ќе биде на МРТ собранискиот сервис во 21 часот.
