Ќе беше спектакл

12.12.2014 14:10

Но ,проблемите со кои се соочи екипата на Металург,одливот на играчи и повредите ја доведоа нашата екипа во позиција комплетно да му ја препушти фаворитската улога на моќниот Веспрем во пресрет на неделниот натпревар во Сеха лигата...

Ќе беше спектакл за крај на годината, македонскиот против унгарскиот шампион, два моќни тима во ракометна Европа, веројатно и во битка за врвот на табелата во регионалното натпреварување. Но, проблемите со кои се соочи екипата на Металург,одливот на играчи и повредите ја доведоа нашата екипа во позиција комплетно да му ја препушти фаворитската улога на моќниот Веспрем во пресрет на неделниот натпревар во Сеха лигата.

„Веспрем е голем фаворит и во Лигата на шампионите и во Сеха лигата. Ни доаѓа во незгоден момент, не очекува многу тежок натпревар, на нас е да им се спротивставиме колку можеме, нашите дефицити да ги покриеме со борбеност,а потоа да одиграме и во Крагуевац по што ќе следува одмор за играчите и посветување на репрезентацијата. Се надевам дека ќе нема повреди,тоа е најважно“- изјави стратегот на Металург, Лино Червар.

Нелоски и Јоноски се повредени, Мојсовки и натаму има проблем со скршеницата на носот, па за очекување е повторно младите да добијат шанса.

Со дуелот против Веспрем, последен годинава во спортскиот центар Борис Трајковски,екипата на Металург ќе ја заокружи календарската година со со надеж дека во идната ќе се врати на старите патеки. Средбата ќе почне во 19 часот, а за комплетирање на ракометната понуда и на програмите на МРТ во претстојниот викенд ќе се погрижат и ракометарите на Вардар кои утре од 20 часот и 15 минути во Јане Сандански ќе го пречекаат составот на Борац.