Македонското литературно творештво поблиску до светот
Антологиската едиција на делата од македонската книжевност која содржи 48 книги, ќе му ги прати на светот пораките од пишаните мозаици на македонското литературно творештво од сите жанрови...

Со преводот на овие нови десет изданија, низ сите меридијани на светот, моќно ќе се прослават македонските книжевни вредности, највредните дела кои денес го градат достоинството на македонската литература.
„Жанровската подреденост и структурираност на книжевниот корпус ги опфаќа поезијата, расказот и драмата, литературата за деца, избор од македонската критика и есеистика, како и двотомниот антологиски преглед на македонскиот роман“, изјави Иван Заров, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“.
По преводот на едицијата 135 тома македонска книжевност на англиски јазик кој беше дистрибуиран до повеќе од 300 библиотеки и научно образовни институции во светот, овој антологиски приказ на најдобрите остварувања на македонските автори е уште еден проект со кој се одразува нашата свест и чувство за валоризација на вистинските вредности, рече министерката Канческа.
„На овој начин ја потврдуваме нашата долговечност како култура која знае да ги почитува и негува високите литературни дострели на генерациите македонски автори создавани во минатото и денеска“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Антологиската едиција на делата од македонската книжевност која содржи 48 книги, ќе му ги прати на светот пораките од пишаните мозаици на македонското литературно творештво од сите жанрови.
„На голем број љубители на литературата и книжевноста надвор од Република Македонија им ја доближуваме нашата култура и богатото литературно творештво“, изјави премиерот Никога Груевски.
Овие антологии ќе најдат место во многу национални библиотеки, во многу читалници, научно образовни институции и домови, со што на целата светска јавност ќе и биде достапен еден добро одбран и репрезентативен избор на најдоброто од македонската книжевност.
Александра Перевска
