Македонија бележи напредок во борбата против тероризмот
Како да се спречи трговијата со луѓе и радикализацијата на странските борци – минстерски форум во Белград. Учествува и Гордана Јанкулоска. Земјите од Западен Балкан со костатација дека треба уште поголема соработка за борбата против организираниот криминал...

Македонија на министерскиот Форум за внатрешни работи и правда на ЕУ и Западниот Балкан го презентираше напредокот во борбата против тероризмот, организираниот криминал и механизмите за следење на пост-визната либерализација.
Говорејќи на темата за борбата против тероризмот, со посебен акцент на појавата на регрутирање странски борци, министерката Гордана Јанкулоска нагласи дека од Македонија од средината на 2012 година регистрирано е заминување на доброволци-џихадисти, од кои според оперативните сознанија, досега загинаа 15-тина лица.
„Република Македонија е една од државите која во однос на регулативата бележи исклучителен напредок. Ние недамна го сменивме нашиот кривичен законик за да ја подобриме правната рамка во процесуирање на ваков тип на кривични дела и секако дека со благовремена размена на информациите со нашите соседи, со земјите од регионот и со ЕУ, како и со взаемна доверба и соработка,можеме да постигнеме поголем ефект,односно подобри резулатина овој план“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
И на полето на мониторингот на визната либерализација Македонија бележи напредок-потенцираше Јанкуловска, бидејќи бројот на т.н лажни азиланти бележи пад. Од почетокот на годината поднесени се нови 13 кривични пријави против 25 лица, а од воведувањето на кривичното дело „злоупотреба на визната либерализација“ поднесени се кривични пријави против 59 лица.
Покрај министерката Јанкулоска, на конференцијата присуствуваа и министрите за внатрешни работи на БИХ, Црна Гора, Албанија, Косово и на Србија.
Оливер Бранковиќ
