Лихва- круг од кој нема излез

12.12.2014 17:08

Маката тера на лихва, ама епилогот не ретко чини и живот. По последниот случај со масовното апсење во Гостивар, МТВ побара одговор на прашањата – кој најчесто позајмува, што кога парите не можат да се вратат, како завршуваат нерасчистените сметки...

Високи камати, кратки рокови за враќање на земените пари-лихварство... Го имало секогаш ама секое време со свои специфики. Различни услови  поставува лихварот, ама во денешни услови барањата за камата од 30 или повеќе проценти се прекумерни.  Тој што ги зема, пак, најчесто и не е свесен во што влегува, велат социјолозите. А тоа е затворениот круг на должнички односи.

„Кога ќе влезе во тој круг, се до оној момент кога тој нема повеќе што да продава, тука настануваат најчесто убиства, увценувања... Оној којшто позајмува тогаш живее во една тешка ментална психолошка состојба“, вели универзитетскиот професор Илија Ацески.

Се повеќе се оттуѓуваме како луѓе, па кога сме во мака бараме чаре, ама ги губиме пријателите. Па кога е така на некој непознат полесно е да му се обратиме. Многумина не можат да ги исполнат барањата на банките и спасот го гледаат во лихварите. Занаетчии, трговци, угледни луѓе не еднаш велат паднале во искушение да побараат пари од лихвари, ама господ ги чувал и сега порачуваат.

„Полоша работа од тоа нема на светот... и Банките се исти лихвари... Лихварите нудат подобри услови па после се заглавува“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Но, лихварството често може да се пробрази во  организирано криминално дејствување од кое поединци енормно се збогатуваат на сметка на маката на понеимотните.

„Изминатава година регистрирани се 10 кривични дела, за што се пријавени 17 сторители“, велат од МВР.

Во полициската акција „Чекан“ беа уапсени 15 од 19-мина осомничени за давање пари под лихва, изнудување и перење пари. Кај нив бил пронајден огромен имот и возила што ги присвојувале. Над 2 милиони евра и близу 60.000 долари во банките, како и кеш пари и оружје пронајдени при претресот.

Во земјава не ретки се и убиствата токму поради лихварство и рекет.

 

Фиљана Кока