Откриен изворот на новинарите во аферата „ЛуксЛикс“

13.12.2014 13:01

Откриен изворот на новинарите кои ја објавија аферата „ЛуксЛикс“ за избегнувањето на данок од 340 компании со склучување на договор со Луксембург. Лицето за кое се сомнева дека е изворот и кое им предало на новинарите десетина илјади страници, во текот на вчерашниот ден било повикано пред обвинителството во Луксембург и притоа е обвинето за кражба и перење...

Идентитетот на изворот не е откриен, се знае само дека е француски државјанин. Според луксембуршкиот дневен весник „Луксембург Ворт“. Станува збор за поранешен вработен во кабинетот за совети и ревизија ПВЦ Луксембург и дека живее во Франција.

Веста за откривањето на„кртот“ ја соопшти јавното обвинителство на Луксембург, во рамките на истрагата за кражбата на документи која се случи во 2012 година и која доведе до откривањето на аферата „ЛуксЛикс“.

„Во рамките на судската истрага обвинето е едно лице од истражниот судија на Луксембург за домашна кражба, кршење на професионална тајна, кршење на деловна тајна, перење и недозволен пристап до систем за автоматска обработка на податоци“ – се вели во комуникето на обвинителството објавено во текот на ноќта.

Обвинетиот беше сослушан неколку часови по што е пуштен на слобода.

Во јуни 2012 година беше отворена судска истрага од обвинителството на Луксембург за кражба на околу 40.000 страници од даночните договори кои ги склучи администрацијата на Големото војводство со околу 340 мултинационални компании, како Амазон, Икеа, Пепси Хајнц, Епл, Волт Дизни, Скајп и Кок Индустри.

Документите најпрво беа во рацете на два француско- англиски новинари, кои направија репортажа за Франс2 и ББС во 2013, во кои Луксембург беше прикажан како даночен рај.

Пред еден месец беа обработени најголемиот број од овие документи кои доведоа до аферата „ЛуксЛикс“ и политичкото ослабување на Жан-Клод Јункер, тогашен премиер на Луксембург, а сега претседател на Европската комисија.

Тони Гламчевски