Научниците предвидуваат: Како ќе изгледа светот за половина век?!

13.12.2014 13:22

Американски и австриски научници предвидуваат дека за 50 години на планетава ќе има најмалку 9 милијарди луѓе коишто ќе се соочуваат со разни проблеми…

До 2060-та година на пленeтава ќе има меѓу 9 до 12 милијарди луѓе. Најбрзо ќе расте населението во Азија и Африка, додека во Северна Америка и во Европа ќе старее. Последниот извештај на ОН вели дека до 2100-та година ќе има меѓу 10 до 12 милијарди луѓе. Научниците од Виенскиот институт за анализи веруваат дека има три можни сценарија каде ќе се зголемува населениeто на планетава.

„Човечкиот капитал е клучен фактор за развојот, почнувајќи од јавното здравје, економскиот раст, квалитетот на институциите и власта, демократијата и капацитетот за адаптација кон климатските промени“, изјави Волфганг Лутц, австриски научник од Институт за анализи.

За половина век, најмногу на луѓето на Земјата ќе бидат со средно образование и ќе заработуваат просечно. жените во Африка се уште ќе бидат помалку образовани, па и наталитетот ќе биде поголем.

„Луѓето се ранливи на климатските промени. Тие влијаат на сите луѓе без разлика на возраста, полот и образованието, без разлика каде живеат и дали се способни да се адаптираат или не“, вели Скот Ренлоф, научник од Институт „Бил и Мелинда Гејтс“.

Научниците веруваат дека врвот на наталитетот ќе биде достигнат во 2070-та година и тоа во Индија и во Нигерија. Поголем дел од населението во Јапонија, Германија, Италија, Шведска и Грција ќе биде постаро од 65 години. Додека развиените земји ќе се соочуваат со недостиг на работници, земјите со најбројно население ќе имаат проблеми со недостиг на храна и вода.

Доколку нешто не се преземе за порамномерен развој на државите во блиска иднина, можни се воени судири меѓу развиените и помалку развиените земји.

За половина век, климатските промени ќе влијаат на раселувањето на населението на планетава.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ