2014- та економски успешна година
Високиот раст и намалувањето на невработеноста се показатели дека 2014 е успешна економска година, оценка на вицепремиерот Ставрески. Инвестициите, индустријата и градежништвото ја движат економијата...

Невработеноста е намалена на историски најниско ниво, под 28 насто, а македонскиот БДП расте со 4,1% што е мегу трите највисоки во Европа. 2014-та е успешна година на економски план, оцени Вицепремиер Ставрески. Во услови кога во европската економија има стагнација, статистичките податоци се потврда дека економските политики се добро поставени.
„Пред се, тука мислам на поддршката што македонското стопанство ја добива од Буџетот за реализација на крупни инфраструктурни проекти со што градежништвото и индустријата можеа да остварат добри економски резултати. Второ е поддршката од кредитната линија што ја обезбедивме со субвенционирана камата од 5,5 проценти од која средства користат стотици македонски фирми што им помогна да остварат добри резултати. Трето е секако ефектот од работењето на странските компании во слободните и индустриски зони“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Според Заводот за статистика во третото тромесечие од годинава најголем пораст на БДП е регистриран во преработувачката индустрија од 16,6%, а градежништвото кое досега беше главниот двигател има зголемување од 2,6%.
„Во следните години ќе настојуваме да продолжат ваквите позитивни движења. Да има дополнително намалување на невработеноста и да се задржи добриот тренд на раст на македонската економија“, нагласи Ставрески.
И Европската комисија објави дека земјава годинава ќе има втор најголем раст на БДП во цела Европа. Поуспешна ќе биде само Ирска која ќе ја заврши годината со поголем економски раст.
Анита Димитријевска
