Стотици деца родени во домашни услови немаат матичен број- најмногу од нив се од ромска популација
Децата родени во домашни услови во семејство кое не ги знае законските прописи, најчесто остануваат не впишани во книгата на родените. Лицата без матичен број немаат немаат никакви социјални права, а најголем дел од нив се ромската популација...

Дванаесет годишниот Садри Асани од населбата Бавчи и неговите двајца помали браќа Арон и Беадин се едни од стотиците ромски деца од Куманово кои никогаш не добиле матичен број. Поради ова исклучени се од општеството, немаат право на образование, на социјална и здравствена заштита.
„Не одам на училиште, затоа што немам никаков документ, не поседувам ништо“, вели Садри Асани од Бавчи.
Нивниот татко Африм има документи, но проблемот е што со неговата сопруга Фазлије која е жител на Косово биле во вонбрачна заедница, а децата биле родени во домашни услови и останале незапишани во книгата на родените.
„Со сопругата не живееме веќе заедно и јас сум старател на децата.Се обидуваав неколку пати да ги запишам, бев во матичното, но не успеав. Сакам да апелирам јавно до институциите кои можат да ми помогнат“, вели Африм Асани.
Граѓаните кои не ги впишале своите деца обично се од сиромашните слоеви, без сообдветно образование , неупатени и недоволно свесни за законските прописи. Откако ќе помине законскиот рок за упис , процедурата станува сложена и бара многу време, велат стручните лица.
„Сметам дека е потребно на надлежниот орган да се даде временска рамка за да достави известување дали лицето барател живее на посочената адреса, да се испитаат соседите дали навистина лицето барател се родило во домашни услови и таквиот документ да оди во прилог на барањето“, изјави Верољуб Илиевски, адвокат од Куманово.
Најголем проблем при вадење документи се децата чии родители потекнуваат од друга земја и немаат македонско државјанство, а за нив и процедурата е многу поскапа и по сложена информираат од невладиниот сектор.
Габриела Димковиќ
