Професијата стјуардеса атрактивна, над 200 Македонци работат за светски авиокомпании
Кристина Кралева беше една меѓу ретките кога замина, сега е една од многуте македонки кои се пробуваат во оваа професија. Ни раскажа дека сосема случајно влегла во оваа работа и за кратко време авионите и станале втор дом...

Младата и амбициозна Кристина Кралева од облаците го виде целиот свет. Беше една меѓу ретките кога замина, сега е една од многуте македонки кои се пробуваат во оваа професија. Ни раскажа дека сосема случајно влегла во оваа работа и за кратко време авионите и станале втор дом. За две години го обиколила светот, а тоа искуство и го променил животот. Оваа професија, вели Кралева, бара да сте буквално совршени и многу дисциплирани. Од изгледот, комуникацијата со патниците...треба да се внимава и на најситниот детал.
„Интересно беше затоа што е некое ново дожувување, не си на земја, постојано леташ, тотално друго искуство ново, гледаш многу земји, секој ден имаш нови колеги, за мене тоа излезе едно животно искуство, многу големо, и ми направи пресврт во животот“, објаснува Кристина.
Работела за Катарска авио компанија и вели, земјите од Блискиот Исток биле нејзина најчеста дестинација. И се допаднал народот, државите, но вели, таму сте гостин и треба да ја почитувате нивната традиција. Откако се повеќе муслимански земји бараат стјуарди и стјуардеси во Македонија, се почести се и гласините дека младите не ги добиваат ниту ветените пари ниту ветената работа. Сепак, Кристина вели дека не се соочила со никакви проблеми, ниту била во опасност .
Пред неколку години одлучила да се збогува со небото и веќе цврсто стои на земја. И се исполнила желбата да го види светот и да заработи. Вели, еден ден, можеби повторно ќе стане стујардеса. Ги охрабрува сите девојки кои ја сакаат оваа професија да си ја пробаат среќата.
Многу млади Македонци гледаат атрактивна професија во ова, а Кристина вели дека околу 200 Македонци веќе работат во голем број светски авио компании.
Викторија Тодоровска
