Кошарка – НБА

Атланата не застанува!

13.12.2014 16:43

За деветти триумф по ред, Хоукс славеа со 87:81, благодарение најмногу на Милсап кој постигна 23 поени...

Македонецот во најсилната кошаркарска конкуренција, Перо Антиќ поради грип го пропушти дуелот со Орландо, но Атланта продолжи да победува во НБА лигата. За деветти триумф по ред, Хоукс славеа со 87:81, благодарение најмногу на Милсап кој постигна 23 поени. Атланта има шести ефект во лигата, исто како и Клиперс со 16 победи и шест порази, но е втора во Источната конференција зад Торонто којшто има само триумф повеќе. Репторс ја совладаа Индијана со 106:94. Прв стрелец на мечот беше Вилијамс со 26 коша. По девет победи пак, Клиперс загубија кај Вашингтон со 104:96. Бил уфрли 29 поени.

Мемфис е со втор биланс, зад најдобрата екипа во моментов Голден Стејт. За 18-та победа Гризлис одиграа две продолженија против Шарлот. 113:107, Рендолф реализираше 20 поени, Гасол 19, исто толку и Конли, но шест од нив беа решавачки во вторите дополнитени пет минути. 

Иако Леброн Џерјмс постигна 41 кош, Кливленд беше поразен кај Њу Орлеанс со 119:114. Кај победничката екипа, Еванс беше најпрецизен со 31 поен. Со тројката на Јанг на седум десетинки до крајот на продолжението, Лејкерс славеа кај Сан Антонио со 112:110.

По речиси две години, Роуз постигна повеќе од 30 поени, поточно еден плус, за победа на Чикаго пртоив Портланд со 115:106. По серија од 10 порази, конечно се радуваа и кошаркарите на Њујорк кои беа подобри на гости кај Бостон со 101:95. Ентони постигна 22, Стадемаер 20 поени. Во другите од вкупно 12 ноќешни натпревари: Бруклин – Филаделфија 88:70, Минесота – Оклахома 92:111, Феникс – Детроит 103:105 и Јута – Мајами 95:100.