Протести во Вашингтон: Демонстрантите бараат правда и реформа на полицијата
Илјадници демонтранти маршираа во главниот американски град барајќи правда и реформа на полицијата. Меѓу организаторите на протетсите се многу групи за права на Афроамериканците и за борба против расизмот, но и антиглобалистите од „Блокирајте го Вол Стрит“. Маршот низ Вашингтон помина мирно. Еве што забележа екипата на Македонската телевизија...

„Без правда нема мир“, со овие извици околу 10 илјади демонтранти протестираа во Вашингтон од Фридам Плаца до Конгресот. Протестите под мотото „Правда за сите“ се со единствено барање за реформа на полицијата во Америка.
„Не марширајте само за мојот сопруг Ерик Гарнер, туку за синови, ќерки, внуци, татковци и мајки, зошто тие се дискриминирани“, изјави сопругата на убиениот Ерик Гарнер во Њујорк.
„На полицијата да и кажам, не пукајте, децата имаат право да пораснат“, рече роднина на убиениот 12-годишен Тамир Рајс во Кливленд.
„Целта на нашиот марш денеска е борба за еднаквост, правда за сите. Животите на црнците се важни!“
„Луѓето се бесни и затоа протестите се шират. Ако нашата Влада не го слуша сопствениот народ, луѓето ќе станат уште побесни, што е опасно“, велат демонстрантите.
Некои протестите ги користат и за бизнис. Десет долари за маички се продаваа долж авенијата Пенсилванија, каде маршираа демонтрантите. Некои велат собираат помош за семејствата на загинатите Афроамериканци коишто настрадаа при полициските интервенции во Фергусон и во Њујорк.
„Многу купуваат. Парите одат за семејството на Ерик Гарнер“, вели продавач.
Низ цела Америка се одржуваат протести за стоп на полициската бруталност. Семејствата на загинатите Мајкл Браун и Ерик Гарнер, станаа нови лидери за права на Афроамериканците.
Организаторите најавуваат кулминацијата на протетсите оваа недела пред празниците.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
