Половина век од првиот ТВ Дневник - темелник на историјата на телевизијата во Македонија
Пред половина век Телевизија Скопје почна со емитување на првиот телевизиски Дневник. 14- ти декември се смета за темелник во историјата на телевизијата во Македонија. МРТ денеска чекори на патот кон модерен јавен сервис. Пред две и пол години почна со новата програмска шема и ги заокружи процесот на дигитализацијата и технолошката обнова. Информативната програма останува столб на телевизијата, а јавниот сервис продолжува да работи во служба на граѓаните...

Брзо и динамично, со голема концетрација и јасна цел. Вака поминува работниот ден на новинарите во дневно- информативната редакција. Секоја информација внимателно обработена, за да стигне точна и на време до гледачот. Фокусот на дневното информирање не променет сите овие 50 години. Што е она што се сменило од почетокот до сега? Кога потешко се доаѓало до информација?
„Многу работи се променија, но она што секогаш останува исто- тоа е врвулицата во дневно- информативната, еве и сега сме сведоци на таква врвулица која трае целиот мој работен век, кој што го поминав овде во македонската телевизија. Кога било полесно или потешко... Не може да се направи токму таков рез, секое време си носи свое бреме, секое време си има свои леснотии и свои тешкотии, она што се промени најмногу, тоа е технологијата“, вели Лилјана Алтипармакова.
„Некогаш ни требаше да свртиме многу телефони да дојдеме до информацијата, евентуално и за да ги уловиме луѓето на лице место, меѓутоа денес е сосема поинаку. Новото време донесе сосема поразличен начин на работа, информацијата ја имаме на дланка и дигитализацијата е вистинскиот потег“, смета Сузана Фиданска- Стоевска.
„Како до информацијата зависи од способноста на новинарот. Колку е упорен и колку може побрзо да стигне до информацијата за веста да биде пласирана точно, навремено и прецизно“, додава Милчо Велески.
„Има трка со информации затоа што во времето кога МТВ била една и единствена немало конкуренција, меѓутоа во денешно време конкуренцијата е голема“, вели Стојан Трпчевски.
„Основната работа, основната разлика е во тоа што во светот на информациите кои што денеска владеат, во една глобализација сеопшта во светот, многуте информации можат да ја кријат и вистинската информација“, нагласува Зоран Богатинов.
Потешко или полесно, со начинот на доаѓање до информацијата се бори новинарот. Уредниците велат, важно е да се задржат вредностите, а тие се исти и пред педесет години и денес.
„Со која било изјава или новинарски потег целта е погодена ако тоа предизвика реакција во јавноста, ако тоа се наметне како тема и ако држи вода во неколку денови, недели или месеци натаму, тогаш значи целта е погодена“, вели уредникот на информативната програма, Горан Петрески.
„Да едуцира, да информира пред се, и тоа да информира со проверени и потврдени информации, и пред се на населението кое што живее на оваа територија да му вдахне еден дух кој што ќе го направи побогато и ќе го култивира. Тоа е нашата првенствена цел како јавен сервис“, нагласува уредникот на првиот програмски сервис, Диме Ратајкоски.
Така и останува, јавниот сервис да биде во служба на граѓаните. Новинарите од дневно-информативната редакција ќе се обидат и во следните 50 години да ги задржат поставените вредности.
Катерина Топалова
