Реформи во образованието за стабилно јадро на едуцирани граѓани!

14.12.2014 17:47

Нема отстапки од државниот испит. Владата не се откажува од реформите кои треба да обезбедат стабилно јадро на едуцирани граѓани. Се крои нова реформа за педагошкиот факултет. Ќе има строги критериуми за упис, но и стипендии за мотив. Секој што сака да биде наставник, ќе полага приемен испит, но ќе мине и задолжителна теоретска и практична повеќемесечна обука...

По примерот на европските искуства ќе се менува законот за високо образование и ќе се воведе државниот испит кој ќе биде прилагоден на карактеристиките на домашните факултети. Владата не отстапува од реформите кои треба да обезбедат стабилно јадро на едуцирани граѓани - идната движечка сила на социоекономскиот развој.

„Цврсто сме убедени дека државниот испит ќе придонесе за унапредување на високо образовниот систем, тоа е единствената причина за негово воведување. Сите останати тези дека со државниот испит се нарушува автономијата на универзитетите, државата сака да ги контролира професорите, да им наштети на студентите, да заработи на нивна сметка, се само мит од одредени структури“, изјави министерот за образование Абдилаќим Адеми.

Владата вчера ја усвои образовнатата реформа во пет чекори. Се почнува од педагошките факултети. Се воведува Академија за наставници која ќе работи на стручно усовршување на дипломираните студенти. Секој што сака да биде наставник, ќе се полага приемен испит, но и задолжителна теоретска и практична повеќемесечна обука. Новина е и лиценцата за сите идни наставници. Постојните, пак, ако поминат низ процесот за лиценцирање, ќе добијат плата повисока за 3.000 денари.

„Целта на овој закон е преку детална филтрација да се избира најквалитетниот наставен кадар кој ќе ја едуцира идната движечка сила на земјата“, нагласи заменик министерот за образование, Спиро Ристовски.

Во рок од три години, секој наставник ќе мора да мине најмалку 40 часа обука. Тие што ќе напредуваат ќе имаат и повисоки плати. Реформата не ги заобиколува ниту директорите на училиштата кои во иднина ќе полагаат испит, а ќе мора и задолжително да го надградат знаењето така што ќе поминуваат обуки.

Пакетот мерки ќе мине низ јавна расправа со цел да се слушнат различни мислења и предлози. Целта, вели заменик министерот Ристовски е да се усвојат најдобрите решенија за подобрување на образовниот систем во земјава.

 

Анита Димитријевска