Стартува со работа првата инвестиција во зоната Ќојлија, се очекуваат нови инвеститори

14.12.2014 18:04

Логистичкиот центар Глобко во индустриската зона Ќојлија отвори 40 нови работни места. Вложи два милиона евра. До март, трисетина инвеститори најавија почеток на градба. Продадени се 75 парцели...

Почна со работа првата компанија во индустриската зона Ќојлија. Логистичкиот центар на компанијата „Глобко логистик“ се протега на 3.500 квадратни метри. Четириесетина инвеститори најавиле почеток на градба во зоната во Петровец.

„За 4 до 5 години ова ќе претставува една огромна индустриска зона каде што ќе работат илјадници македонски граѓани. На инвеститорите им честитам, тие веќе најавија и втора и трета фаза, што поскоро да започнат со наредните фази“, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Инвестицијата на Глобко е вредна два милиони евра. Ќе бидат вработени 40- тина лица. Комапнијата ќе гради уште еден објект.

„До крајот на 2017 година очекуваме да се изградат хали со вкупна површина од 15.000 метри квадратни на нашата локација на зоната која има вкупно 22.000 метри квадратни“, изјави Снежана Кокраволчева,  сопственикот на Глобекс и Глобко логистик.

Ниските цени за комуналии, близината на аеродромот и железничката пруга ја прави оваа индустриска зона во Петровец атрактивна за инвеститорите.

„Заедно со ниската цена на комуналиите од само 34 евроценти по метар квадратен и ниската почетна продажна цена на земјиштето се главни причини за големата заинтересираност. Општината со помош на Министерството за транспорт и врски ги обезбедува градежната дозвола, водоводот и инфраструктурата“, вели Борче Митревски, градоначалник на општина Петровец.

Ќојлија е една од најголемите индустриски зони во скопската околина.

Индустриската зона Ќојлија се протега на 195 хектари, а наскоро ќе се прошири за уште 25. Досега се продадени 75 локации, а за 27 од нив се издадени дозволи за градба. 

 

 

Андријана Атанасовска