Два дена до најзначајниот самит во Белград: Регионот ја зајакнува економската соработка со Кина

14.12.2014 18:19

Два дена пред Кинескиот самит во Белград. Речиси десет милијарди долари Kина има наменето за инвестиции во регионот. Во трка по пари, 16 земји од Централна и Источна Европа ќе ги презентираат проектите пред кинескиот премиер Kечијанг...

Во Палатата Србија за два дена ќе се одржи можеби најзначајниот политички и економски собир годинава во Европа- Самитот на премиерите на влади на Кина и 16 држави од Централна и Југоисточна Европа, како и паралелно во Сава центарот, Економско-трговскиот форум.

Севкупно ќе има 5.000 учесници. Македонија на Самиотот ќе ја предводи висока државна делегација предводена од премиерот Никола Груевски со повеќе министри во владата.

Целта на Белградскиот самит е продолжеток на јакнење на соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа, покрената пред три години во Будимпешта, со посебен акцент на економската соработка преку постигнување договори за конкретни проекти за инвестиции. Само за развојот на инфраструктурата Кина има обезбедено фонд од 10 милијарди долари.

Како што дознаваме- со кинескиот премиер Ли Кечијанг, ќе допатуваат над 350  бизнисмени, кои ќе разговарат со над 1.000 стопанственици на 16 држави од Естонија, па се до Македонија.

Србија е пред потпишување на договорот за изградба на брзата пруга Белград-Будимпешта, а од Унгарија најавен е интерес за потпишување договор со Кина за инвестирање во инфраструктурното поврзување на Будимпешта, преку Македонија, со пристаништето во Атина, за транспорт на кинеските стоки во Централна Европа.

Самитот ќе го следат 1.000 новинарски екипи, а во Белград се предвидени незапаметени мерки на безбедност со ангажирани над 10.000 полицајци и блокиран сообраќај.

 

Оливер Бранковиќ