Премиерот Груевски во политичко-економска посета на Саудиска Арабија

14.12.2014 17:15

За време на посетата, во главниот град Ријад е предвидено премиерот Груевски да оствари средба со политичкиот естаблишмент на државата, со принцот на Кралството Саудиска Арабија Салман Бин Абдулазиз Ал – Сауд кој ги извршува и премиерските должности на државата...

Премиерот Никола Груевски од денеска заедно со владина делегација во чиј состав е вицепремиерот и министер за финансии  Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Висар Фида и заменик министерот за економија Христијан Делев ќе престојува во политичко економска посета на Кралството Саудиска Арабија.
 
За време на посетата, во главниот град Ријад  е предвидено премиерот Груевски да оствари средба со политичкиот естаблишмент на државата, со принцот на Кралството Саудиска Арабија Салман Бин Абдулазиз Ал – Сауд кој ги извршува и премиерските должности на државата, со директорот на  Саудискиот Фонд за развој Јусуф Бин Ибрахим Ал Басам, како и со генералниот секретар на Заливскиот совет за соработка, Абдул Латиф бин Рашид Ал – Зајани.
 
Воедно за време на престојот ќе бидат остварени и бизнис форуми на кои ќе бидат преставени можностите за инвестирање во Македонија и потенцијалите за развивање на економската соработка во повеќе полиња и области. Саудиска Арабија е една од најбрзо растечките економии од арапските држави и седиште на повеќе глобални корпорации од повеќе области.
 
Главниот град Ријад е место каде се лоцирани централните менаџменти на голем број банки, приватни компании и фабрики за производство на машини, опрема, металуршки производи, хемиски и  градежни материјали, храна, медицина и текстил. Меѓудругото Саудиска Арабија е најголем извозник на нафта и има водечка улога во ОПЕК. Токму како резултат на таквата геостратешка предност и овозможи на државата да го дисперзира својот капитал и да инвестира во останатите полиња. Според Светската банка од 2009-та година економијата на Саудиска Арабија е најсилна споредено со останатите арапски држави и континуирано го зајакнува приватниот сектор особено инвестициите во недвижности и енергенси.
 
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба ваквата посета е прва на ова ниво од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Кралството Саудиска Арабија при што во јануари 2015 година ќе се одлбележи 20 годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.