Манастаирот Зрзе прераснува во туристичка атракција

14.12.2014 19:13

При крај се работите на завршување на асфалтниот пат во должина од 8 километри кој води до манастирот Зрзе. Во манастирот се градат и конаци, а се планира и целосно асфалтирање на слободниот простор пред манастирот кој ќе биде место за паркирање...

После Трескавец уште едно култно светилиште во прилепско за прв пат во историјата на неговото постоење добива асфалтен пат – манастирот Свето Преображение Зрзе. Патот е со должина од 8 км. и ширина од 5 метри. Инвестицијата е тешка 80 милиони денари, а парите се обезбедени од Владата. Се очекува за неколку денови патот да биде целосно завршен.

„Досега беше земјен пат и беше отежнат пристапот до манастирот, се стигнуваше само со теренски возила, ова ќе придонесе за поголем развој и промоција на убавините на општина Долнени“, рече Боше Милошески, градоначалник на општина Долнени.

Според Владиката Климент, игумен на манастирот, ова ќе придонесе за поголем развој на манастирскиот туризам.

„Патот до манастирот Трескавец го облагороди целиот тој регион и простор и го наполни со содржини кои навистина овозможуваат еден континуиран живот, едно пулсирање од секаков карактер, а се надевам дека истото ќе се случи и тука во Зрзе“, истакна Отец Климент, игумен на манастирот во Зрзе.

Асфалтот завршува на 300 метри до манастирот, до долната порта, а до манастирот ќе се гради калдрма која ќе биде пешачка зона.

„Имам една молба до секој оној кој ќе сака со својот автомобил да стигне до манастирот, би било упатно автомобилот да се паркира тука кај манастирскиот паркинг и овие 300 метри да се пропешачат затоа што кај манастирот нема простор за вртење на возилата, секако тука исклучок ќе се прави за поастарите лица, болните и децата“, додава Отец Климент, игумен на манастирот во Зрзе.

Се очекува да се обезбедат и средства за асфалтирање на паркингот кој сега е тампон и може да биде уништен од водите. Задоволни се и жителите на село Зрзе.

„Убаво е сега може со кола да стигне до манастирот, одлично е“, коментираат жителите на село Зрзе.

Во манастирот се градат и велелепни монашки конаци кои се очекува да бидат завршени в година.

Веднаш после завршувањето на изградбата на новите конаци се очекува да започне ревитализација и конзервација на монашката населба која што се простира на 7 ката во бигорната карпа веднаш под самата црква на манастирот.

Овие пештерни ќелии беа откриени пред неколку години, и претставуваат вистинска атракција, каква нема на ниту едно друго место во регионов.

 

Дарко Штаргоски