МЗТ Скопје не можеше против актуелниот освојувач на АБА
Три сосема солидни четвртини имаше нашиот првак во играта во напад, но се мачеше во одбраната не можејќи да ги задржи високите противнички играчи...

Во уште едно издание со различни лица, со нова партија „топло-ладно“,МЗТ Скопје сепак не можеше против актуелниот освојувач на АБА, Цибона. На теренот на којшто пред две сезони со триумф дебитираа во јадранското друштво, додатно ослабени без повредените Стојановски и Симоновски, „Аеродромци“ загубија со 70-61 и го претрпеа осмиот пораз сезонава во регионалната конкуренција.
Три сосема солидни четвртини имаше нашиот првак во играта во напад, но се мачеше во одбраната не можејќи да ги задржи високите противнички играчи. Хрватите постојано беа во водство, коешто ретко беше двоцифрено и се движеше главно меѓу шест и девет поени. На полувреме МЗТ губеше со 44-36, но потоа успеа да го најде балансот во играта и со серија од 6-0 се приближи на само поен негатива, 55-54. И наместо да продолжи во истиот ритам, доживеа несфатлив пад во напаѓачкиот сегмент. Ги промаши првите два напада во последниот период со коишто можеше да изедначи, а потоа не искористи и уште четири. Цибона го искористи тоа, побегна и го парализираше нашиот тим, којшто не даде кош повеќе од пет минути. Со серија од осум поени домашниот тим се оддалечи на 64-54, по што МЗТ не можеше да се врати. Постигна само седум поени во последната четвртина, од коишто само два од игра. Така не може да се слави над Цибона, којашто врза три успеси, ова и беше шести триумф, со којшто дојде на 50-настотен биланс.
18 поени за МЗТ даде Диксон, 12 Шеховиќ, а 8 запиша Цветковиќ, иако минутажана како плејмејкер ја делеше со Стајиќ. Кај Цибона прв стрелец беше Лалиќ, којшто беше и единствен со двоцифрен број поени – 20.
Во вториот денешен дуел, Цедевита на гости славеше над Будуќност со 80-70, додека 12-то коло завршува утре со мечот меѓу Црвена Звезда и Игокеа. Директниот пренос нс Собраниски ќе биде од 21 часот.
