Завршува рокот за поднесување барања за откуп на дворовите
15.12.2014 09:09
Барање за приватизација може да поднесат граѓани или фирми кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато со правна основа...

Рокот за поднесување барање за приватизација на дворните места по цена од едно евро за метар квадратен завршува денеска. Барање за приватизација може да поднесат граѓани или фирми кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато со правна основа (закон, тапија, судска пресуда, договор за купопродажба, решение за наследство, одлука на надлежен државен орган), по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа заклучно со септември 2001 година, а не се запишани како корисници на земјиштето во катастарот на недвижности.
Да го откупат дворното место имаат право и граѓани кои биле сопственици на земјиштето на денот кога земјиштето е национализирано, граѓани на кои им е пренесено правото на користење на градежното неизградено земјиште во периодот до 15 февруари 1968 година, наследници на поранешните сопственици, граѓани кои правото на користење на земјиштето го стекнале врз основа на договор за дар, договор за доживотна издршка и договор за располагање со имот за време на живот, кои договори се склучени меѓу поранешниот сопственик и неговите законски наследници.
Сите физички и правни лица кои немаат поднесено барање за приватизација, а нема да поднесат ниту до 15 декември годинава, ќе бидат обврзани да плаќаат закупнина за земјиштето на кое до наведениот рок биле евидентирани како корисници, односно го користеле земјиштето по основ на објект изграден врз него.
