Можностите за инвестирање во Македонија претставени пред бизнисмените од Саудиска Арабија
Пред четириесетина бизнисмени беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија. Саудиска Арабија е добра можност да се привлечат потенцијални инвеститори, но и атрактивен пазар за македонските компании...

Владината делегација на чело со премиерот Никола Груевски ја продолжува политичко- економската посета на Саудиска Арабија. Пред четириесетина бизнисмени беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија. Саудиска Арабија е добра можност да се привлечат потенцијални инвеститори, но и атрактивен пазар за македонските компании.
„Саудиска Арабија е голем пазар и земја која има високо ниво на доход и сметавме дека е соодветно да направиме посета и да ги презентираме можностите што Македонија ги нуди во областа на добрата бизнис клима, ниските даноци и квалитетната работна сила. Сето тоа наидува на интерес од инвеститорите на Саудиска Арабија. Некои од нив всушност веќе ја посетиле Република Македонија и имаат поволно мислење за земјата, но добро е уште еднаш да поразговараме поконкретно за тоа што може да направат и на кој начин да дојдеме до реализација на нивните планови за Република Македонија“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Министерот без ресор, Висар Фида, истакна дека компаниите пред кои биле претставени можностите за инвестирање во Македонија, изразиле претежно голем интерес за инвестирање во инфраструктурата, агрокултурата и во туризмот.
Во Ријад се предвидени средби со принцот Ал Сауд и со генералниот секретар на Заливскиот совет за соработка Ал Зајани. Премиерот имаше средба со директорот на Саудискиот фонд за развој , Ал Басам, со кого разговараше за можностите за продлабочување на соработката во економијата, трговската размена и инвестициите.
Директорот Ал Басам изразил подготвеност за поддршка на проекти од различни сфери, особено во инфраструктурата.
