Кошарка НБА

Коби го надмина Џордан

15.12.2014 11:11

Коби Брајант постигна 26 поени во победата на ЛА Лејкерс кај Минесота (94:100) и го помина Мајкл Џордан, на третата позиција на вечната листа на стрелци во НБА лигата. Мамбата сега има 32.310 поени во кариерата, што трае неверојатни 19 сезони...

Барем во еден сегмент, барем за секунда, по тоа магично слободно фрлање во втората четвртина што ѕвездата на Лејкерс го изведе прецизно, успеа да му ја украде славата на легендарниот и неповторливиот... барем за момент...
 
Коби Брајант постигна 26 поени во победата на ЛА Лејкерс кај Минесота (94:100) и го помина Мајкл Џордан, на третата позиција на вечната листа на стрелци во НБА лигата. Мамбата сега има 32.310 поени во кариерата, што трае неверојатни 19 сезони. Ер Џордан постигна 32.292 поени, за 17 сезони искомбинирани со две пензионирања. На врвот се недостижниот за уште многу генерации, Карим Абдул Џабар на првата (38.387) и Карл Мелоун на втората позиција (36.928).
 
Достигнувањето на 36 годишниот Брајант не помина без честитки, (најважната и најочекуваната) од неговиот идол и урнек Мајкл Џордан, а потоа и од еден од најславните кошаркари што го носеле дресот на Лејкерс, Меџик Џонсон. И Коби е нечиј идол, ни помалку ни повеќе, на Леброн Џејмс, кој што исто така искрено и несебично се придружи кон честитките.
 
Фил Џексон ги тренираше и двајцата кошаркари, а во својата книга „11 прстени“ (6 со Булс на Џордан и 5 со Лејкерс на Коби) напиша дека главниот мотив низ кариерата на Брајант, е неговата идеја да го надмине Мајкл Џордан во улогата најславен кошаркар на сите времиња. Коби постојано ги негира овие наводи, тврдејќи дека ужива во патешествието наречено НБА и е благодарен за годините што ги поминува на паркетот.