Прва поголема терористичка закана за Австралија

15.12.2014 11:27

Полицијата контактираше со напаѓачот. Одбива да шпекулира дали инцидентот е политички мотивиран, но за сега не го третира како тероризам. Австралискиот премиер Тони Абот го опиша инцидентот како многу загрижувачки...

Жителите на Австралија ги вознемири заложничка драма што е во тек во Сиднеј. Според најновите информации, тројца заложници се видени како истрчуваат од кафулето во коешто најмалку еден вооружен и маскиран човек, под црно знаме напишано со арапски букви, слично, но не и исто со тоа на исламска држава, држи на нишан 40-тина луѓе.

„Чудно е. Веројатно е првпат во историјата на Австралија да се случи олку голема терористичка закана“, изјави Џошуа Мартин, жител на Сиднеј.

„Ова ме загрижува како Муслиман, бидејќи не ме претставува мене. Ако напаѓачот размислува дека постапува правилно како Муслиман, тоа е многу лошо за нас“, вели Мохамед Хасан, жител на Сиднеј.

Еден од заложниците два пати контактирал со локалната телевизија со барање вооруженото лице да биде вклучено во програмата, но медиумот одбил да преговара.

Полицијата контактираше со напаѓачот. Одбива да шпекулира дали инцидентот е политички мотивиран, но за сега не го третира како тероризам. Австралискиот премиер Тони Абот го опиша инцидентот како многу загрижувачки.

„Ја разбирам загриженоста и вознемиреноста на австралискиот народ во вакви времиња, но нашите мисли и молитви мора пред се да бидат насочени кон заложниците. Не можам да замислам ништо пострашно од тоа да се најдам во ваква ситуација“, вели Тони Абот, премиер на Австралија.

Стотици вооружени полицајци го оградија кафулето „Линд“ во вообичаено прометната област Мартин Плејс каде што се наоѓаат повеќе банки и парламентот на Нов Јужен Велс. Австралија е еден од главните сојузници во коалицијата предводена од САД што се бори против Исламска Држава во Ирак и во Сирија.

Откако неколку австралиски државјани заминаа да се борат на тамошните фронтови, а Канбера доби закани за напади, нивото на безбедност е зголемено во страв од домашни милитанти вратени од Средниот Исток.

 

Ивана Салтировска