Инвеститори од Саудиска Арабија заинтересирани за бизнис во Македонија
Можностите за инвестирање во земјава беа презентирани пред четириесетина бизнисмени и сопственици на компании во саудиската метропола Ријад. Владиниот економски тим ги посочи поволностите за реализација на странски инвестиции што ги нуди Република Македонија, а роуд шоуто продолжува и во други индустриски центри во Саудиска Арабија. Најголем интерес има за инфраструктурата, земјоделството и туризмот...

Бизнисмени и инвеститори од економски моќното Кралство на Саудиска Арабија слушнаа за инвестициските поволности во Македонија. Повеќе компании кои сакаат со својот капитал да се позиционираат веднаш до пазарот на ЕУ, сериозно ја разгледуваат нашата земја како дестинација за проширување на бизнисот.
„Споредено со другите места за инвестирање кои ги имам посетено, сметам дека Македонија е меѓу најдобрите држави за инвестирање. Јас сум голем оптимист дека работите ќе одат во поволна насока и дека ќе има брз напредок на полето на инвестициите во годините што претстојат. Ние имаме план за проширување на нашата дејност во 2015-та и 2016-та во делот на човечките ресури, во поглед на тренинзите и обуките, потоа, во делот на недвижностите, туризмот и градежништвото“, изјави Калид ал Тавил, бизнисмен.
Според бизнисменот Тавил, кој веќе бил во посета на Македонија, условите за водење бизнис во нашата земја, во прв ред инфраструктурата, даночниот систем и работната сила, се многу интересни и поволни за саудиските бизнисмени. Тоа им ги соопштиле и на македонските власти.
„Саудиска Арабија е голем пазар и земја со високо ниво на доход и затоа сметавме дека е важно да ги презентираме можностите што ги нуди Македонија, како добрата бизнис – клима, ниските даноци, квалитетната работна сила. Тоа наиде на интерес од инвеститорите од Саудиска Арабија, дел од нив веќе ја посетиле Македонија“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии
Поволностите за правење бизнис во Македонија биле претставени во Ријад пред претставници на околу 40 компании од различни сектори, кои покажале подготвеност да ги вложат своите пари во нашата земја.
„Дојдовме во посета на Саудиска Арабија бидејќи оваа земја е многу интересна за нас. Се работи за една од најбрзорастечките економии во овој дел од светот. Компаниите пред кои ги презентиравме бизнис – можностите за инвестирање во Македонија покажаа голем интерес за вложување во инфраструктурата, земјоделството, туризмот“, рече Висар Фида, министер за привлекување странски инвестиции.
Владината делегација во Саудиска Арабија ја предводи премиерот Груевски. Тој оствари и средба со првиот човек на Саудискиот фонд за развој, Јусуф бин Ибрахим ал Басам, кој ја истакнал подготвеноста на Фондот да поддржи повеќе инфраструктурни проекти во нашата земја.
Мартин Пушевски
