Груевски: По еден денар од кутија цигари ќе оди за лицата со ретки болести

15.12.2014 14:41

Проекциите се дека тие средства ќе изнесуваат околу 250 милиони денари годишно...

По примерот на многу европски земји и во Македонија ќе им се помага на лицата кои боледуваат од ретки болести. Премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил објави дека е изготвено системско решение со измени на Законот за акцизи.

Со решението се предвидува дополнителен еден денар по кутија купени цигари, кој ќе се издвојува како средства исклучиво наменети за финансирање на лекување на ретките болести, односно средства за третман лекување на лицата со ретки болести во Република Македонија.

„Предизвикот со лекување на пациентите со ретки болести е светски предизвик. Иако погодуваат 1 на 2.000 лица, сепак тие засегнуваат голем број на лица и семејства, имаат големо влијание на животот. Наша задача е да се трудиме да бараме начини за надминување на предизвикот, да дадеме поддршка на семејствата, заедно да се бориме за здравјето на нашите сограѓани. Наше е да најдеме начин на финансирање на таа борба, со соодветен обем и на соодветен начин“, напиша премиерот Гуревски на својот Фејсбук профил.

Проекциите се дека тие средства ќе изнесуваат околу 250 милиони денари годишно.