Промовирана монографијата „70 години Македонска филхармонија“

15.12.2014 15:00

Монографијата е документ во кој е прикажан растежот на институцијата, изведбата на повеќе од 400 симфониски дела од домашни и странски композитори, соработката со најзначајните имиња на денешницата и впечатливите настапи низ целиот свет...

Монографијата „70 години Македонска филхармонија“ е едно импозантно издание во кое на 300 страници се испишани личните доживувања на сите оние кои беа инволвирани во создавањето на овој оркестар и оние кои со силна волја и ентузијазам успеаа да го позиционираат меѓу најдобрите оркестри во регионот.

„Ние книгата ја пишувавме така како што самите сакавме да ја читаме, во еден есеистички, публицистички манир, без онаа сирова статистика, иако таа постои во самите приказни“, вели музикологот Тина Иванова.

„Овие 70 години кои се опишани во оваа публикација се плод на макотрпна работа на сите инфолвирани во процесот на организација на концертите, на сите оние кои се вклучени во уметничкиот дел но и на оние кои работат зад кулисите“, вели Роза Нолчева- Ангеловска.

Монографијата е документ во кој е прикажан растежот на институцијата, изведбата на повеќе од 400 симфониски дела од домашни и странски композитори, соработката со најзначајните имиња на денешницата и впечатливите настапи низ целиот свет.

„Во книгата се сместени и многубројни критики објавени низ македонските медиуми кои низ годините наназад внимателно го бележеа развојот на оваа значајна институција“, нагласи министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

„Како завршница на чествувањето на овој наш голем јубилеј ќе биде концертот на 18-ти декември во Македонската опера и балет“, рече директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ.

Изградбата на новата сала на македонскиот филхармониски оркестар, наскоро ќе биде готова- простор за кој секој член од оркестарот на оваа наша институција сонува да музицира.

 

Александра Перевска