Заложничка драма во Сиднеј: Жителите во паника, мали се шансите да има Македонци- заложници

15.12.2014 15:20

Централното подрачје е нетипична зона кадешто живеат нашинците. Но, пред Божиќниите празници, таму има голема раздвиженост. Луѓето чувствуваат страв да прошетаат...

Мали се шансите дека има Македонци во ресторанот во кој се одвива заложничката драма  во Сиднеј, тврди нашиот амбасадор во Австралија, Веле Трпевски. Вели дека централното подрачје е нетипична зона кадешто живеат нашинците. Но, пред Божиќниите празници, таму има голема раздвиженост. Луѓето чувствуваат страв да прошетаат.

„Немаме официјални информации дали има или нема Македонци, а се надеваме дека нема, бидејќи се работи за централен бизнис- дистрикт на Сиднеј, бидејќи тоа не е типична зона во која живеат Македонците. Но, никогаш не можеме да знаеме, бидејќи огромен број Македонци живеат во Сиднеј. Ние како Амбасада соодветно ќе постапиме ако добиеме таква информација“, изјави амбасадорот Трпевски.

Но, нашинци има и во други делови на Сиднеј. Оние со кои конктиравме велат дека се потресени и постојано се информираат од медиумите.

„Околните места што се во Сиднеј, другите населби не толку, но претежно во центарот на градот и околината луѓето беа во паника, и ние не знаевме што се случува“, изјави за МТВ во разговор преку Скајп, Маја Андоновска-Спасовска, Македонка која живее во Сиднеј.

Според првичните сознанија киднаперот е приврзаник на Исламска држава. Дали денешниот настан е последица од некакви претходни верски инциденти?

„Јас не сум слушнала, но утрово на некои медиуми прочитав дека некои од лицата кои биле врбувани да се борат во Сирија бил осуден на неколку години затвор, па дали тоа може да биде мотив или не, искрено не знам“, додава Андоновска- Спасовска.

Пред два месеца исламски припадник во Австралија најави дека ќе има терористички напади, мотивирани од вклучувањето на австралиски војници во Ирак и во Сирија. Во меѓувреме тамошната полиција разби терористичка ќелија, која подготвувала напади.

 

Наташа Гркова-Петрушевска