Почна откупот на тутунот
Се откупува тутунот од годинашнава реколта. Родот со вишок, но со просечен квалитет. Прилепскиот комбинат ги обезбеди парите за исплата, а тутунарите бараат толеранција со влажноста поради временските услови...

Почна процената на тутунот на вагите кај откупувачите. Преку 35 000 тутунарски семејства во земјава во очекување како ќе им помине годишниот труд.
„Имаме годинава може три тоа имаме произведено. Годинава се знае квалитет нема, скапан е.“
„Дадоа таму некој лимит до 20 насто влажност да има, ама времето беше магливо и на сите покажа 21,22“, велат тутунарите.
Годината родна, квалитетот просечен. Даде 30.000 тутун, пет илјади повеќе од договореното.
Прилепскиот комбинат тутун откупува на 12 пункта во градот и населените места. А деветте компании во земјава на 139 откупни пункта ќе го преземаат родот.
Неповолното време му даде и висока влажност на родот. Тутунарите бараат толеранција од откупувачите, вратениот тутун да кажат кога ќе го преземат како и најавениот вишок.
„Апелирам до компаниите да ја зголемат динамиката на откуп на тутун, доколку не, не вреди тутунот ниту за нив ниту за нас ако остане се уште во нашите простории. Има најава од компанииите дека 15 до 20 насто ќе оди повеќе отколку имаат зацртано“, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.
Прилепскиот комбинат обезбеди пари да ги исплати тутунарите и побрзо од рокот од 30 дена. Може да преземе и повеќе од договореното.
„Договорени количества имаме 3.180.000 килограми, за истите имаме обезбедено средства и секако планираме да ги откупиме. Правиме напори некој процент на вишок да откупиме“, вели Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунски комбинат-Прилеп.
Во комбинатот дневно ќе откупуваат по 80 тони тутун.
Елизабета Митреска
