На МЗТ Скопје му требаат засилувања
Цибона беше далеку од шампионското ниво од април во Белград, во „сивилото“ коешто и ја одликува сезонава досега, но сепак ја искористи неснаодливоста на нашиот тим во последниот период...

Поразот од актуелниот освојувач на АБА не е изненадувачки, иако и натпреварот со Цибона се вбројува во оние сезонава во коишто МЗТ Скопје можеше да избори спротивен епилог. Деветте поени разлика на крајот се во рамките на предноста којашто хрватскиот вицепрвак најчесто ја имаше, но останува горчливиот вкус поради лесно пропуштената шанса да се извлече позитивен резултат. Цибона беше далеку од шампионското ниво од април во Белград, во „сивилото“ коешто и ја одликува сезонава досега, но сепак ја искористи неснаодливоста на нашиот тим во последниот период, токму откако се стекна впечаток дека МЗТ по две и пол четвртини мака конечно успеа да воспостави баланс во играта меѓу одбраната и нападот.
Порозната одбрана во првото полувреме и преголемиот број загубени топки и дозволени офанзивни скокови на противникот статистички му пресудија на МЗТ во Загреб, во мечот во којшто полн погодок можеше да биде силна психолошка инјекција. Но и тој го потврди она што секако беше јасно, дека македонскиот првак тешко може да најде некакво, а камо ли целосно решение за отсуството на повредените Дамјан Стојановски и Марко Симоновски. Ако се знае дека тренерот Митев и пред најновиот тежок кадровски удар очекуваше менаџментот на клубот да преземе мерки во смисла на надополнување на ростерот со плејмејкер и со центар, потребата од нови имиња сега е и уште поитна. Четирите победи во дванаесетте кола се под проекциите и желбите, до крајот на првиот круг претстои уште понеделничкиот двобој со водечката Црвена Звезда во Скопје, што значи дека билансот точно на средина од лигата ќе му биде едвај 30 отсто. Во спротивно, реномето изградено во првите две сезони ќе биде сериозно нарушено.
Во АБА нема пауза, натпреварите продолжуваат веднаш, а во моментов единственото добро нешто за МЗТ е тоа што му привршува периодот со по два натпревара неделно. В среда му е последниот меч од домашната лига против Фени Индустри во Кавадарци, на којшто ќе вложи се да се одмазди за октомврискиот пораз во Скопје. Тој кикс ја предизвика лавината којашто следуваше, па оттаму сериозната решеност да се реваншира. Последните два првенствени меча во 2014, Фени-МЗТ в среда и Карпош Соколи-Кожув в петок, МТВ директно ќе ги пренесува.
