Македонија останува со воено присуство во Авганистан

15.12.2014 16:04

18 штабни офицери ќе бидат распоредени во командните структури, а 20 припадници на АРМ ќе се грижат за обезбедување на штабот на мисијата во Кабул...

Македонија ќе биде дел од новата мисија  во Авганистан „Решителна поддршка“. 18 штабни офицери ќе бидат распоредени во командните структури, а 20 припадници на АРМ ќе се грижат за обезбедување на штабот на мисијата во Кабул.

„Со продолжување на учеството во оваа мисија,покажуваме и докажуваме дека Република Македонија и АРМ ги исполнуваат сите критериуми што се потребни за да бидеме дел од Алијансата во борбени мисии и во други мировни мисии“, рече во Собранието министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Во државава постои политички и граѓански консензус за нашето евроатлантско интегрирање. Во сите мисии каде што учествуваме оценките за обученоста и професионализмот се позитивни, вели Павле Трајанов, но не треба да дозволиме критериумите за старт на преговорите за членство во Унијата, да се пресликаат и за членството во НАТО.

„Треба да направиме се одредени критериуми што се вклучени во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија,да не се префрлаат како обврски и за нашето членство во НАТО“, смета пратеникот Павле Трајанов.

Учеството во пост ИСАФ мисијата е ново поглавје во нашата историја, потенцира Емил Димитриев. Уште еден доказ за угледот на Армијата и довербата на сојузниците е фактот што половина од контингентот ќе биде дел од командата на мисијата на НАТО.

Македонија во мисиите предводени од Алијансата учествува 12 години.

Милчо Велески