Хан: Опозицијата да се врати во Собранието е прв важен чекор за Македонија

15.12.2014 16:30

Политичкиот дијалог и функционирање на институциите е најважно за Македонија во овој момент, оценува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Повторува дека ќе се потвруди да ги одблокира интеграциите на земјата поради ставот на Грција за името...

Блокирањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија, од страна на членка на Eвропската унија е апсурдно- смета новиот комесар за соседска политика и процес на проширување Јоханес Хан. За Македнската телевизија, Хан изјави дека лично неможе да се помири со ваквата ситуација.
 
„Што се однесува до Поранешната југословенска Република Македонија, се обидуваме да го деблокираме ова прашање, но како што знаете има многу пречки, и во моментов не гледам поместување. Ова е нешто што јас лично не можам да го прифатам, и секако ќе дадам се од себе во наредните неколку месеци да ја подобрам ситуацијата“, изјави Хан.
 
Хан не сакаше да прецизира со кои инструменти Европската комисија ќе се послужи во одблокирање на процесот, но беше доволно јасен дека во моменов најважен е политичкиот дијалог во земјата и функционирање на институциите на системот.
 
„Опозицијата да се врати во Парламентот- тоа првиот важен чекор“, нагласи Хан.
 
Денеска во Брисел се оджува Советот на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ, заклучоците за пакетот на проширување ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден.
 
Тоа што е веќе познато е дека Република Македонија и на овој декемврски Самит нема да го добие заслужениот датум за почеток на преговорите, поради блокадата заради проблемот со името наметнат од страна на јужниот сосед.
 
 
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ