МАГЛА: Блокиран авиосообраќај, верижен судар, тешко дишење

15.12.2014 16:56

Густата магла продолжува да предизвикува проблеми во авиосообраќајот. Затворен е аеродромот „Александар Велики“. Откажани се сите полетувања, а нема услови ниту за слетување. Намалената видливост беше причина и за верижен судир меѓу 19 возила кај клучката кај Волково...

Загадениот воздух и маглата денеска си го направија своето. Тетовци и Кичевци дишеа воздух 10 пати позагадаен од дозволеното. Но, нивото на ПМ честичките и во Скопје не беа на завидно ниво, особено во Центар, Карпош, Лисиче и Гази Баба. Густата магла го парализираше авиосообраќајот. На скопскиот аеродром метеж, втор ден не полетуваат авиони.

„Уште не се знае, ни рекоа да почекаме уште 20 минути, па ќе ни кажат дали ќе полета преку Охрид... Не се знае дали ќе полета“, велат паниците кои ги сретнавме на аеродромот „Александар Велики“.

Надлежните смируваат, патниците се пренасочуваат.

„Сите патници кои треба да летаат да се јават на ареодром за да го регулираат своето право на летање. Да се информираат дали авионите ќе полетаат од скопскиот аеродром или ќе бидат пренасочени на охридскиот“, изјави Перо Лупевски, дежурен оперативен директор на „Алекснадар Велики“.

И оние што денеска патуваа со автомобил не стигнуваа навреме. Намалената видливост беше причина за верижен судир меѓу 19 возила кај клучката Волково. Неколкумина се полесно повредени.

„Јас бев последен учесник во сообраќајката и не беше обележан патот, немаше фрлено сол, патот беше лизгав, имаше поледица“, изјави за МТВ Орце Смилевски, учесник во сообраќајката.

Екологистите велат сите сме како во маѓепсан круг, аерозагадувањето се провлекува секоја година. Веруваат со прифаќање на некој од нивните предлози ќе дишеме почист воздух.

„Максимално редуцирање на употребата на возила од почетокот на номеври до крајот на јануари. Со тоа што би го користеле помасовно јавниот превоз“, смета екологистот Душко Христов.

И откажување од парното греење си го прави своето. Годинава за 3 пати е зголемена потрошувачката на дрва за огрев. Просечно, секој жител на Скопје вдишува 20 килограми отровни гасови годишно.

 

Наташа Јанчиќ