Веќе 15 часа трае заложничката драма во Сиднеј
Австралиската полиција го идентификуваше мажот кој држи 40 –тина гости во кафуле во централното подрачје. Станува збор за иранецот Харон Монис, кој извршил серија кривични дела, бил на слобода со кауција. Барал азил во Австралија...

Местото за кафе и чоколада во финансискиот кварт на Сиднеј, од ноќеска е место на драматична сцена. Вооружен маж држи во заложништво четириесетина гости но нема повредени. На еден од прозорците истакнал бело знаме со арапски букви. По 10 часа тој е идентификуван како Харон Мони.
Петмина од луѓето успеаја да му избегаат. Сведочат дека себе се нарекувал „братот“, и дека е подржувач на радикалниот ислам. Цело време бара телефонски разговор со премиерот Абот, знаме на Исламска држава и се заканува со поставени бомби. Овие вработени во кафулето Линд, имале среќа што не се смена.
„Навистина не знам што се случува. Јас работам во кафулето, кога дојдов до вратата беше заклучена,а тоа е чудно. Внатре имаше човек со брада и капа. Би сакал да бидам на местото на луѓето кое се заробени“, вели Бруно вработен во кафулето Линд.
„На интернет видов што се случува, неколкумина кои беа до прозорецот веднаш ги препознав“, додава, Кетрин Чин вработена во кафулето Линд.
Жителите на Сиднеј се во паника. Оружени полицајци и снајперисти го блокираа и евакуираа целиот регион. Преговараат со терористот. Не соопштуваат дали инцидентот е политички мотивиран.
„Мора да останеме смирени, голем број полицајци се на местото на инцидентот, правиме се што е во наша моќ за да ја задржиме безбедноста и сигурноста. Наш најголем приоритет ни е да ги ослободиме заложниците неповредени“, нагласи Ендру Скипоне полициски комесар на Јужен Велс.
Премиерот Тони Абот изјави дека е шокиран од инцидентот.
„Ја разбирам загриженоста и вознемиреноста на австралискиот народ во вакви времиња, но нашите мисли и молитви мора пред се да бидат насочени кон заложниците. Не можам да замислам ништо пострашно од тоа да се најдам во ваква ситуација“, изјави премиерот Абот.
САД ја евакуриаа амбасадата во Сиднеј, која се наоѓа во непосредна близина на кафулето и ги предупредија своите граѓани да се грижат за личната безбедност. Австралија е еден од главните сојузници во коалицијата предводена од САД што се бори против Исламска Држава во Ирак и во Сирија.
Марија Петковска
