Специјални мерки за безбедност во Белград за дводневниот премиерски самит

15.12.2014 17:17

Пред утрешниот старт премиерот Груевски во интервју за „Танјуг“ изрази очекување да се зајакне економската соработка. Кинескиот премиер доаѓа со проектот- експресна линија Пиреја- Будимпешта...

Во Белград пред одржувањето на утрешниот самит има невидени мерки на безбедност, какви не беа ниту за посетата на Путин, со ангажирани над 10.000 полицајци и блокиран сообраќај во цели реони.

Премиерите на владите на Кина и 16 држави од Централна и Југоисточна Европа, почнаа да пристигнуваат во Белград. Во Хајат, кој е прекриен со маскирна мрежа, сместена е бројната кинеска делегација од 350 члена, предводена од премиерот Ли Кечијанг. Тој за српските медиуми изјави дека причината за организирањето на самитот се разговори за капитални проекти во регионот, за што Кина одвоила кредитна линија од 10 милијарди долари. Кечијанг го претстави и проектот за транспорт на кинеските стоки од  Кина, преку пристаништето Пиреја до Централна Европа.

Мојата земја предлага воспоставување експресна линија од Кина до Европа преку копно и море, која би била заснована на железничкиот сообраќај од грчкото пристаниште Пиреја, кон Белград и Будимпешта“, изјави кинескиот премиер, Ли Кечијанг.

Оваа изјава на кинескиот премиер се совпаѓа со унгарскиот интерес за инвестирање во инфраструктурното поврзување на Будимпешта, преку Македонија долж коридорот 10, со пристаништето во Атина.

Веќе в среда, најавен е состанок на кинескиот, српскиот и на унгарскиот со македонскиот премиер Никола Груевски, на кој поблиску ќе се разговара за овие инфраструктурни конекции.

Оттаму, Премиерот Груевски, во авторскиот текст во српската агенција Танјуг, очекува зајакнување на економската соработка на земјите во регионот!

Република Македонија е меѓу првите земји кои ги користеа бенефициите од инвестицискиот фонд вреден 10 милијарди долари, којшто кинеската влада ги најави во Варшава во 2012 година. Со изградбата на две нови делници на автопатот, очекуваме полесно поврзување на источниот и западниот дел од земјата со метрополата и забрзување на локалниот економски развој. На овој самит очекуваме нови планови на НР Кина за поддршка на регионот, вели премиерот Груевски.

 

Оливер Бранковиќ