Системско решение за лекување на лицата со ретки болести

15.12.2014 17:24

Годишно ќе се издвојуваат по 250 милиони денари за нивно лекување. Ќе се издвојува денар од акцизата за кутија купени цигари...

200 луѓе со ретки болести ќе добијат подобар третман во лекувањето. Владата ќе го менува Законот за акцизи, од кутија цигари по еден денар ќе се издвојуваат за лекување на лицата со ретки болести. Ова денеска на социјалната мрежа Фејсбук го објави премиерот Груевски.

„Предизвикот за лекување на пациентите со ретки болести е светски предизвик. Иако погодуваат 1 на 2.000 лица, сепак тие засегнуваат голем број семејства, имаат големо влијание на животот. Наша задача е да се трудиме да бараме начини за надминување на предизвикот, да дадеме поддршка на семејствата, заедно да се бориме за здравјето на нашите сограѓани“, е дел од објавата на премиерот.

Од здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“, велат дека ова ветување е најубавиот новогодишен подарок за нив и за нивните семејства. Со државните пари ќе можат полесно да дојдат до неопходната терапија.

„Веќе три години активно излегуваме низ медиумите и ги разкажуваме предизвиците со кои се соочуваме, а ова сега што се донесе ни дава надеж дека во Македонија можат да се решат проблемите“, вели Весна Алексовска, Здружение „Живот со предизвици“.

По примерот на европските земји и Македонија бара начин за решавање на проблемот на лицата со ретки болести.

Според пресметките со издојување на дополнителен еден денар по кутија купени цигари, ќе се соберат 250 милиони денари годишно. Овие средства ќе бидат наменети исклучиво за лекување на лицата со ретки болести.

 

Сунчица Николовска