Изненадувања за посетителите на новиот саем за „Купи куќа, купи стан“

15.12.2014 17:50

Од 20 декември во Рамстор се одржува нов саем кој на едно место ќе ги собере банките, градежните компании и Министерството за финансии. За последните два саемски дена се најавува целодневна забава и многу награди...

Саемската промоција на проектот „Купи куќа, купи стан“ дава одлични резултати. Досега се одобрени повеќе од 400 барања, а само минатиот месец 50. Од 20 декември во Рамстор се одржува нов саем кој на едно место ќе ги собере банките, градежните компании и Министерството за финансии. За последните два саемски дена се најавува целодневна забава и многу награди.

„Сите посетители кои носат по десет пликоа со по 20 фискални сметки, да соберат 6 клучиња од штандовите кои што ќе бидат на саемот и да ги приложат на штандот на Министерството за финансии и Државна лотарија“, изјави Ивана Билбиловска, портпарол на Министерството за финансии.

Ќе добијат пакет грепки или можност да освојат апарат за домаќинство или друга награда. Сите пликоа учествуваат и во големото извлекување за стан. Овој проект го раздвижи градежниот сектор. Банкарските камати се на историско најниско ниво, а се очекува и пад на цените на станбениот квадрат.

„Сигурно дека ќе падне цената на квадратот. Очекуваме намалување на цената, но не за некој голем процент“, вели Роберт Хот, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Проектот овозможува добивање субвенција од 9 до 14 илјади евра, но услов е цената да не биде повисока од 900 евра за квадрат. Досега државата им исплатила на граѓаните повеќе од 2,5 милиона евра субвенции.

 

Свето Николовски