Самит Кина-Централна и Источна Европа во Белград

16.12.2014 08:21

Причината за организирањето на самитот се разговори за капитални проекти во регионот, за што Кина одвоила кредитна линија од 10 милијарди долари...

Во Белград денеска ќе започне Третиот самит на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, кој се одржува под мотото „Нови мотори, нова сила, нова платформа“. Најавено е учество на околу 1.350 владини претставници и бизнисмени од Кина и Европа, меѓу кои и кинескиот премиер Ли Кечијанг.
 
Причината за организирањето на самитот се разговори за капитални проекти во регионот, за што Кина одвоила кредитна линија од 10 милијарди долари.
 
Самитот, што ќе се одржи во белградскиот „Сава центар“, ќе го отворат кинескиот премиер Кечијанг и премиерите на Србија и Полска, Александар Вучиќ и Ева Копач.
 
Се очекува Копач во обраќањето да најави и формирање на заеднички мешовит економски комитет на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, чие седиште би било во Варшава.
 
На форумот ќе се претстват голем број кинески компании заинтересирани за инвестирање во регионот, а ќе се одржат и три тематски панел диксусии.
 
Претходно, Кечијанг го претстави и проектот за транспорт на кинеските стоки од Кина, преку пристаништето Пиреја до Централна Европа, и предложи воспоставување експресна линија од Кина до Европа преку копно и море, која би била заснована на железничкиот сообраќај од грчкото пристаниште Пиреја, кон Белград и Будимпешта.
 
За утре, најавен е состанок на кинескиот, српскиот и на унгарскиот со македонскиот премиер Никола Груевски, на кој поблиску ќе се разговара за овие инфраструктурни конекции.
 
На маргините на собирот се очекуваат и голем број билатерални средби на владините претставници-учесници на Самитот.