САД: Со камери против полициската бруталност
Американските полицајци почнаа да носат камери како задолжителна опрема за да се избегнат нови случаи на полициска бруталност. Ова барање го истакнуваат демострантите поради смртта на Афроамериканци во полициските интервенции во Њујорк и Фергусон, но им се придружи и американскиот Претседател Барак Обама...

Демонтрантите на последните протести во Соединетите Американски Држави бараат реформа на полицијата. Голем број на полициски департменти во Америка одговорија со усвојување на пилот програма за носење на камера за време на патролирањето. Експертите ја поддржуваат оваа мерка што веќе започна да се применува во Њујорк, Вашингтон, Сакраменто, Фергусон и други американски градови.
„Целосно нема да го реши проблемот, но дава информација за ситуацијата што е од помош и на полицијата и на граѓаните. Полицијата треба да го подржи ова. Жално е што некои полицајци се против, зошто во ситуација кога е нивниот збор против зборот на останатите, камерата помага“, изјави Тревор Барас, експерт од институтот КАТО.
Со ова полицијата се надева дека ќе се избегнат идни инциденти и дека полицајците ќе бидат заштитени од одговорност ако прописно си ја извршуваат работата.
„Се надевам дека камерите ќе ги остранат сомневањата во одредени ситуации кога има вакви инциденти. Но не сум сигурен дека секој полицаец треба да носи камера“, вели Ханс Вон Спаковски, експерт од фондацијата Херитиџ.
Околу 1.200 полициски департменти во Америка веќе набавуваат камери за униформираните полицајци. Една мобилна камера чини околу 500 долари.
Во САД има околу 600.000 униформирани полицајци кои од идната година ќе мора да носат и камера како дел од нивната опрема.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
