Кривича пријава за пустошење на шума за вработени во ЈП „Македонски шуми“

16.12.2014 12:13

Вработени во Mакедонски шуми од подружницата во Македонски Брод краделе дрва според разработена шема. Заработија кривични пријави...

СВР – Битола поднесе кривична пријава против 4 лица од Македонски Брод кои бесправно краделе дрва. Тројца од нив С.С., Б.Б. и Т.Љ. биле вработени во подружницата на ЈП „Македонски Шуми“ во Македонски Брод. Додека пак четвртопријавениот С.Д. бил вработен во приватна фирма– рибник.

Имено според полицијата тројцата вработени од „Македонски Шуми“ имале разработена шема за кражба која ја спроведувале во месеците октомври и ноември. С.С. давал дозволи за сечење на нечекичирани дрва, второпријавениот вршел жигосување на исечените дрва без да излезе на лице место и секогаш таа количина била двојно помала од реално исечената, а додека пак трето пријавениот Т.Љ. во договор со првите двајца не вршел уредна контрола на посечената дрвна маса.

„Извршиле пустошење на шумата дозволувајќи бесправна сеча на дабови стебла во вкупна количина од 220,8 м3, а со тоа прибавиле материјална имотна корист, или предизвикале материјална штета на претпријатието во висина од 1.545.670 денари“, изјави Магдалена Димитровска, портпарол на СВР Битола.

Четвртиот пријавен бил фатен од страна на шумарската служба како сече дрва во забранети оддели, а сето со претходен договор со тројцата вработени во „Македонски шуми“.

СВР Битола кривичната пријава ја поднесла до Јавното Обвинителство во Кичево кое што сега треба ја спроведе целата истрага околу овој случај.

 

Дарко Штаргоски