Трагедија во Пакистан: Над 126 загинати во напад на воено училиште во Пешавар
Исламисти влегоа во воено училиште и вршат масакр врз студентите и учениците. Над стотина се веќе убиени, меѓу кои има и професори...

Прво звучело како детска игра, раскажуваат очевидците, но потоа виделе како деца во паника и измачкани со крв бегаат од училниците. Над 126 загинати, од кои 80 ученици и не се знае уште колку се во рацете на талибанските напаѓачи во пакистанското воено училиште во Пешавар. Талибанци облечени во униформи на обезбедувањето упаднале среде часот по прва помош, по што одекнале истрели и експлозии.
„Мислевме дека децата си играат нешто, но тогаш го видовме оружјето“, вели Мудасир Аван, асистент во училиштето.
Војската веднаш го опколи кампусот. Соопштија дека поголемиот дел од околу 500 ученици се евакуирани, но не се знае уште колкумина останале во заложништво на исламските милитанти. Амбулантни возила ги носат повредените во околните болници, а областа ја надлетува хеликоптер. Меѓу загинатите има професори и еден од напаѓачите.
„Штом видов дека почнаа да пукаат, истрчавме во училниците. Видов како 6 до 7 мажи влегуваат во секој клас и ги убиваат децата“, додава Аван.
Портпаролот на Талибанците соопшти дека на напаѓачите им било наредено да ги пуштат најмалите деца и да ги убијат постарите како одговор на операциите на војската во Северен Вазиристан во коишто загинале стотици нивни соборци.
Пакистанскиот премиер Наваз Шариф го опиша нападот како „национална трагедија“. За сега не се преговара со напаѓачите, исчистен е студентскиот дел од кампусот и се работи на административниот.
Ивана Салтировска
