Можностите за инвестирање во Македонија претставени во Џеда

16.12.2014 13:05

Повеќето од бизнисмените веќе ја имаат посетено земјава. За арапскиот бизнис интересни инвестициите во прехранбената индустрија и во консултантските услуги...

Владината делегација ја продолжува посетата на Саудиска Арабија. Во Џеда ги претстави можностите за инвестирање во Македонија, по средбите со арапските бизнисмени во Ријад.

„Нашите слободни економски зони се рангирани меѓу топ 50-те слободни економски зони според гласањето на ФДИ Магазинот на Фајненшл Тајмс. И нашата зона во Скопје, главниот град, годинава беше, според Фајненшл Тајмс, број 1 во Европа. Тоа е најдобрата зона во Европа за 2014. Испланиравме 14 слободни економски зони во земјата, 4 од нив се подготвени и целосно оперативни, а другите се во изградба и ќе бидат завршени во наредната година-година и пол“, изјави премиерот Никола Груевски пред присутните бизнисмени.

Повеќето од бизнисмените веќе ја имаат посетено земјава. За арапскиот бизнис интересни инвестициите во прехранбената индустрија и во консултантските услуги.

„Мислам дека е едно од најдобрите места за потенцијални инвестиции. Многу е безбедно. Сметам дека Владата прави многу добра работа. Ја имам посетено Македонија повеќе пати и навистина ја гледам разликата секогаш кога ќе дојдам во Македонија“, изјави Абдула Ал Селами.

„Ме восхитија информациите што ги добив, особено тие од премиерот. Почувствувавме колку е атрактивен тој дел од светот, особено за инвестиции. Дознав за бизнис климата во Македонија која е одлична. Добро е да се знае, тоа е привлечна клима за бизнис и како што слушнав ќе можеме да зборуваме со целата делегација“, вели Абдулаф Ал Новаисер.